• Project Gallery

Приказната на „My Precious“ започнува во 2005 година, кога Елена Поповска за првпат ја открива магијата на филигранството и создавањето на уметност преку изработка на  уникатен накит. Тајните на обработка на металите ги учи преку обуки за филигран организирани во Занаетчиската Комора Скопје. Подоцна во 2013 година го отвора нејзиното ателје „My Precious“ кое во моментов се наоѓа во Скопје во населба Капиштец.

Инспирација на нејзините дизајни ја црпи од убавината на природата. Фасцинирана од елеганцијата на природата, Елена умешно успева да ја долови сета нејзина убавина преку нишките на среброто или металната плоча.

Сакам да комбинирам различни техники при изработувањето на накит, затоа што тоа ми овозможува целосно да ја претставам мојата идеја и да ја доловам на свој начин природата околу мене. Заедно со моите клиенти ја делиме фасцинацијата на најсовршениот уметник природата. Јас низ играта на сребрената жица го доловувам моментот на отворениот цвет или трепетот на крилата на пеперутката, а тие засекогаш го носат со себе тој момент каде и да се – вели Елена.

Елена Поповска ја има претставувано нашата земја на повеќе настани во светот, меѓу кои и во Турција и Емиратите. Во нашата земја таа е редовен учесник на достижни изложби и работилници, како и во нашата земја така и на меѓународни проекти. Последниот нејзин проект е изложба под наслов Белези од природата претставена во Природно Научниот музеј во Скопје и истиот опфати 41 видови пеперутки  кои се дел од македонските природни богатства и истите беа преточени во накит.

Од 2014 год. Елена Поповска е предавач по филигранство во Занаетчиската Комора – Скопје, но и предавач на техниките на изработување накит од монистра во Агенцијата за Вработување.