Марта Пејоска е архитект/дизајнер на накит, која живее и работи во Охрид.
Професионално е посветена на дизајнирање и изработување на накит од сребро. Матичната техника во која работи е филигранската техника. Филигранот како дел од Македонското културно наследство е она што за неа го прави уште повеќе посебен и преку својата работа таа придонесува за неговата заштита.
Во 2014год, по 10тина години работа, го отвора своето атеље за публиката, конципирано во единствен хибриден простор кој содржи: галерија (изложбен дел) и студио (работен дел), именуван како Галерија за Современ Накит и Филигран, се’ со цел, поголема афирмација, промоција и презентација на филигранот и филигранската техника.
Од тогаш следат учества на повеќе изложби на современ накит, како во домашни така и во интернационални рамки, вклученост во различни проекти на тема заштита на културно наследство, предавања и презентации на тема филигран итн.
Занаетчиското мајсторство се гради со долги години посветена работа. Во нејзиниот досегашен творечки опус од 15тина години, таа успева традиционалноста на филигранот да ја доближи до современоста, да даде една нова иновативна, модерна димензија на класичниот филигран, а со тоа да создаде своја препознатлива линија, како независен дизајнер и изработувач на накит. Од друга страна пак со тоа и самото занаетчиство уште повеќе добива на вредност, значение и квалитет.
Да се создаде нослива уметност во едно парче накит, а притоа тоа да биде технички издржано е главниот стремеж во нејзината работа. А за да се дојде до крајниот производ – готовото парче накит, претходи подолг процес на работа. Иницијална идеја на скица, па доколку има потреба се прави и модел од хартија, потоа спремање на материјалот, топење на среброто и извлекување во сребрените жици и плочки за работа и откако тоа ќе се заврши следи практичниот дел, кој е приказна за себе