Маријана Пипилева е млада и креативна девојка од Охрид, која 5 години работи филиграни. Таа изработува уникатен и персонализиран накит според желбите на нејзините клиенти. Според Маријана, филигранството не е само начин на изработка на накит, туку тој претставува еден од најделикатните техники на изработка на накит, затоа што вклучува низа на активности од топење на среброто, влечење на жиците од сребрена шипка за да се создадат најфините текстури на накитот, при тоа давајќи една нежност и магичност на самиот накит. Kомплексноста на рачната изработка е она што ја дава таа уникатност и магија на секој еден предмет (накит) и се создава едно чувство на поседување нешто неповторливо и единствено, нешто ексклузивно.
Токму таа елегантност во изработка на нешто неповторливо и уникатно ја создала љубовта на Маријана кон овој стар, скоро на изумирање вековен занает, ФИЛИГРАН .
Маријана: Да се работи и изработи нешто со две раце, оган и метал е посебно чувство, фасцинантно! Особено кога на крај можеш да го видиш резултатот во едно прекрасно уникатно парче накит.
Маријана Пипилева го усовршува филигранот во секоја прилика, таа ужива во динамиката на креирањето и во комбинирањето на она што е старо со векови и денешните трендови.