Заборавена традиција, жената умешно успева да ја задржи, оживее и негува и да ги вткае подзаборавените традиционални вештини и денес на еден нов, креативен, современ начин, како едно креативно ремек-дело во спојот на бои, избор на нивниот колорит, ткаенините, везовите.

Жените кои ги изработуваат овие уникатни изработки, спојувајќи го традиционалното и модерното, на обичното му даваат нешто необично, а со тоа создаваат многу плетени и везени рачни изработки. Со својата несекојдневна креативност, овие вешти раце, успеваат да ги исплетат своите разнобојни дела.
Работата со конец и игла, создавањето форма на предмети, како плод на нивната фантазија, кои ќе бидат корисни на луѓето, се нивниот начин на живот, нивното пренесување на сета креативна енергија, од душата кон некој производ. Дали преку плетење, дали преку везење, секогаш успеваат да создадат слика, предмет, како еден одраз на својата фантазија.

Секоја жена има свој стил на творење, процес кој е спор, бара време и посветеност, бара совршенство и добро мајсторство
Традицијата за везење и плетење на уникатни рачни изработки пополека се губи. Рачната работа на нашите баби и мајки се помалку ја негуваме, а во животот она што не опкружува во околината и во нашите домови се фабрички изработени предмети. Колку и да се убави и модерни тие, го немаат она најважното, душата, емоциите кои се пренесуваат од рачната работа.

Ако се сетиме на минатото, ќе речеме, нашите прабаби, баби и мајки биле многу вредни. Секогаш наоѓале време за рачната работа, везење, плетење, шиење, со цел да ја негуваат и зачуваат традицијата, а рачната работа за нив претставувала украс за очите, празник на душата, нешто што им ја смирувало, во долгите денови исполнети со многу работа, воздишки, грижи, тага.
Затоа, да им дадеме шанса да опстојат, да ги сакаме и негуваме, да ги цениме и купуваме. Зошто, тие се нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.