Чипка од сребро, вонвременски накит, вечна инспирација, минато, сегашност. Од дамнина, до денес, врвни дела на мајстори, го креираат филигранскиот накит со импресивно богатство од форми, симболи и раскош. Филигранот е една од најстарите и најубави уметнички форми создадени од човекот. Оваа техника се користи со векови во Македонија. Филигранот се изработува исклучиво  рачно, и на тој начин ја истакнува уникатноста и личниот печат на уметникот, занаетчија, креатор на филигранските дела. Денес, како и некогаш многу одамна, филигранскиот накит се смета за ремек дело на занаетчиската  уметност, а многу познати светски дизајнери го вметнуваат  како  атрибут на висока мода. Филигранската техника е позната од многу одамна (2500 г.п.н.е) и во текот на вековите со нејзе се изработувал прекрасен накит, како и украсни предмети на кои и денес им се воодушевуваме.Македонскиот филигран е моќен и инспиративен, со симболика во секое парче, кое не може да ве остави рамнодушни. Оваа скапоцена чипка од сребрена жица, ги пренесува тајните на плетењето и денес преку секое парче накит, секое различнo, со своја уникатност и драгоценост. Во неа се исплетени долги часови работа, непроспиени ноќи, бдеење над алатките кои под прстите на вештите мастори ја нижат секоја нишка од жицата и испишуваат ново дело. А секое ново креативно мајстворство поминува низ многу фази и претставува една од најпрецизните техники на изработка на накит.За изработка на предмети со оваа техника се користи сребрена, златна или поретко бакарна жица за компонирање на мотивите. Мотивите од филигранска жица се различни од геометриски фигури до цветови и животни. На вака изработените предмети понекогаш се ставале ситни метални зрна. Во минатото, кога немало  масовно производство на накит, накитот бил престиж,  техниката на преработка на скапоцени метали  се пренесувала од колено на колено, чувајќи ги тајните на плетењето на скапоцената  чипка.  Постојат неколку разновидни видови на техники за изработка на филигран, но сите тие се уникатни и магични. За да се направи еден филигрански предмет не се потребни посебни високо-технолошки изуми. Многу поважно е мајсторството и талентот. Филигранот се изработува  исклучиво  рачно  и многу интересно е што што филигранската чипка  се прави од само неколку традиционални елементи. Овие мали ремек-дела вклучуваат и полускапоцени камења за да добијат дополнителна убавина. Филигранистите велат секое парче е уникатно, неповторливо, резултат на инспирација. Ако прашате да одвојат кое е нивното најомилено како форма или изработка, не можат да кажат, зошто сите тие се нивните „најдобри“. За изработка на поедноставните форми се потребни неколку часа, а за покомплексните и до неколку денови. Филигранистот со своите уникатни  изработки, милува да  ги подари своите соништа. Затоа, засакајте го накитот од филигран, за да сонувате и вие.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.